Г-дин Ле Рок, Вашата образовна институција нуди една поинаква едукативна програма на француски јазик според француски образовен систем. Од каде се роди идејата за отворање на Интернационалното Француско училиште во токму во Македонија?
Идејата се роди на навистина интересен начин, вреден за споделување, затоа што меѓу другото, содржи и мое лично искуство. Факт е дека вашата земја во последните години стабилно расте во економски поглед и успешно се развива на полето на унапредување на своите можности и потенцијали за привлекување нови инвестиции. Ваквата поволна клима привлекува француски иселеници, што претставува најрелевантниот критериум за давање позитивна оценка во поглед на односите помеѓу Македонија и Франција. Освен овој пресуден фактор, тука сепак голема улога игра и моето лично искуство како што потенцирав. Како сопственик на супермаркети, бев сведок на ситуации во кои француски државјани на раководни работни места, одбиваат унапредувања и можности за подобри позиции во други земји, поради непостоење на француско училиште за нивните деца. Тргнувајќи од ваквите ситуации и од сопствениот проблем, мојата ќерка е со двојно државјанство, босанско и француско, дојдов до оваа идеја што во Босна успешно се развива веќе 10 години, а цврсто верувам, заедно со мојот тим, дека тоа ќе биде случај и за Македонија.
Во што се состои разликата помеѓу македонскиот и францускиот образовен систем? Дали можете да направите паралела?
Разлика навистина постои и таа е од фундаментален карактер. За овој релативно краток период како престојувам во Македонија, од она што имав можност да го видам и истражам, дојдов до заклучок дека децата во Македонија учат многу информации. Исто така, не можам, а да не констатирам дека наставниот кадар во вашата земја ги привилегира само најдобрите и најамбициозни ученици, а со самото тоа не им дава шанса на останатите за поголем развој и напредок. Што се однесува на францускиот образовен систем, истиот има цел да им всади љубов кон образованието уште од најмали нозе на учениците, како и навика да применуваат корисни трикови што ќе им помогнат побрзо и поефективно да го совладаат наставниот материјал. Освен тоа, задачата на францускиот образовен систем е да ја истакне уникатноста и специфичноста со која што се карактеризира секое дете, како и да го поттикне на независност, креативно и критичко размислување, наместо наметнување на механички задачи и активности.
Кој ја води наставната програма во Вашето Интернационално Француско училиште? Дали може да ни кажете нешто повеќе за професорите?
Станува збор за стручен тим, најдобар во својата област, со долгогодишно искуство, врвен професионализам, но најважно од се, тим што со љубов и голема посветеност ја врши својата работа. На професорите што ја водат наставната програма во ЕФИС, цел им е своето знаење, на ефикасен и интерактивен начин да им го пренесат и на учениците. Тоа се високообразовани професори од франција, кои покрај францускиот, мајчин јазик, одлично го владеат и англискиот.
Што посебно нудите во Француското Интернационално училиште?
Наше мото и филозофија врз која го изградивме концептот на ЕФИС е дека одбројувањето до успехот започнува од мали нозе, буквално тоа и го нудиме. Врз основа на оваа премиса ние ги насочуваме децата кон успех. Знаете во воспитниот и образовниот пристап кон детето многу е битно колку добро ќе му ја разбудите амбицијата, колку ќе го мотивирате да се самоизградува, да не запира пред секоја препрека, да цели кон повисоки и поголеми нешта. Победникот не се раѓа, победник се станува. Во тоа многу голем удел има и францускиот образовен пристап, како што веќе напоменав, којшто ја поттикнува и стимулира индивидуалноста на секое дете, истакнување на уникатноста преку талентите што ги има и специфичноста преку желбите. Ние во ЕФИС го создаваме победникот од мали нозе.
Покрај образованието на основните образовни предмети, дали нудите и други дополнителни активности?
Секако, децата кај нас имаат третман како во дневен престој и тие се згрижени се додека родителот не дојде по нив и во текот на тоа време, откако ќе им заврши наставата професорите им помагаат во изработувањето на домашните задачи така што детето ги завршило сите задачи и обврски и остатокот од времето родителот може целосно да му се посвети на своето дете. Уште една предност пред другите ни е тоа што нудиме можност за дополнителни слободни активности по клавир, балет, пливање, така што родителите не мора да се грижат и повторно во својот распоред да бараат термин за да ги носат децата на овие би се рекло неопходно дополнителни активности. Ние тоа го правиме за нив. И на крај за оние што сакаат да го посетуваат ЕФИС а не зборуваат француски, може слободно уште од сам почеток да се запишат, при што ќе земаат дополнителни часови по француски односно подготвителна настава.
Дали детето може во следната фаза од образование без проблеми да се интегрира во македонскиот образовен систем?
Без никакви проблеми и пречки детето може да го направи трансферот во македонскиот образовен систем. Без оглед на степенот на образование на кое се наоѓа ќе може успешно да се врати во националниот македонски образовен систем, бидејќи учениците во зависност од возраста имаат 2, 3, 4 часа по македонски како мајчин јазик.
Со каква диплома ќе се стекнат децата што ќе учат во ЕФИС?
На крајот на средното училиште ученикот ќе се стекне со диплома од француска матура, документ издаден од Министерството за образование на Франција. Оваа диплома ќе му овозможи на ученикот пристап до Универзитетите на европската унија.
Hапис на порталот Skopje info (www.skopjeinfo.mk)